Goce Kolarovski
Во еден обичен есенски ден кога нашата група имаше во распоредот час кај Коларовски во 9:30, јас некако успан, дојдов на факс и отидов прво на предходниот час кај Фирфов - свирење партитури. Часот е 15 минути и ако дојдеш на време ќе стигнеш и на следниот. Но тоа утро изгледа имав фикс идеа дека кај Фирфов сум во 9:15, а не 30 мин порано (во 15 за 9h). И влегувам во кабинетот и се чудам како мојот термин некој друг го окупирал, но Фирфов ме гледа и онака занесен во работата ми вика „Во ред, почекај да завршам со овој час“. Седнав и чекам и сваќам дека денес не сум синхронизиран баш. Контам дека ако одам на партитури, тогаш ќе доцнам кај Гоце на форми или хармонска анализа, но непријатно ми беше повторно да отворам врата кај Фирфов и си реков „тоа е тоа, денес доцнам 30 мин секаде и можеби разликава ќе ја намалам до крај на денот“.
Се би било во ред ако Коларовски реагираше пообично на нашите доцнења, односно воопшто да не реагираше и академските 15 мин да ги користевме без никаков коментар или запишување. Па иако очекувавме полиберално да се однесуваме на факс, сепак овој факултет не дозволуваше отсуство на повеќе од 3 часа, а Коларовски тоа прецизно го бележеше.
И сега што. Ќе доцнам најмалку 15 мин, а ќе треба како и сите предтоа што сум ги гледал да стојам покрај вратата додека ме прашуваат зошто доцнам, а нема да биде сигурно дали ќе ми биде дозволено да влезам на часот? Мора нешто cool да смислам!
Завршувам кај Фирфов, се разбравме кој е грешка и дека ја веќе доцнам на другиот час и трчам накај кабинетот за хармонска анализа, но веќе доцнам и влегувам ...... Сите ме гледаат онака, да видат што прича сега јас ќе кажам и на прашањето зошто доцнам, мрморам нешто како „Проблем со часовните зони“. Демек тоа е тоа и си терам накај моето место - ВЛЕГОВ и намигнувам на обожаваните колешки, горд што сепак јас различно од другите се снајдов во ситуацијава. Но во славниот момент ме прекинува прашањето на професорот во стилот „Kако? Не те разбрав“. И јас дообјаснувам „Разика во часовните зони: Аеродром - Центар, 15 мин сонцето подоцна изгрева“.
Следи коментар: „Бујуклиев!!! Немој од сабајле - те молам!“
Најверојатно го налутив некако со идеата да се пошегувам, но луѓе, влегов на час, не стоев покрај вратата како да сум во средно школо. Но и Коларовски го запамти моментов и следнато делење на дела за анализа бев „специјално“ третиран.
ПБ
SELECT LIST OF WORKS
Стоев на терасата на третиот спрат од ДМБУЦ и пушев цигара кога слушнав како Горан ме прашува „Знаеш ли?“. Тој ден, таа минута разбрав дека мојот драг професор повеќе нема да го сретнам на скалите што го спојуваат факултетот и музичко-балетскиот центар. Продолжив да гледам далеку во делот од градот и се присеќавав на некои случки со Проф. Коларовски. Доживувањата долго време ги раскажував на пријателите, но сега се прашував што можам да сторам во негова чест и како да ги чујам или кажам тие случки на еден поширок аудиториум. (Ако сакате да напишете само коментар - можете тоа да го сторите анонимно или како blog user. Ако сакате да напишете свој пост или закачите фотографија, предходно пратете mail на мојата адреса bujukliev@gmail.com со subject "Kolarovski", прифатете ја поканата да станете член - коадминистратор на блогот и пишувајте за нашиот драг професор, колега и пријател)
Панче Бујуклиев
___________________________________________
Со нашиот драг професор - на фотографијата (од лево на десно 1994-1995):
Панче Бујуклиев, Проф. Гоце Коларовски, Снежана Милисављевиќ, Јелена Радосављевиќ и Маја Гоцева.